Amir Latif Arain
11 Август 2025•Ажурирај: 12 Август 2025
КАРАЧИ (АА) - Најмалку седум лица загинаа рано утринава кога свлечиште погоди група работници кои работеа на обновување на водоснабдувањето во северен Пакистан, соопшти официјален претставник, јавува Анадолу.
Три други лица беа повредени за време на инцидентот, кога се обидувале да обноват водоводен канал оштетен од неодамнешните поплави во градот Данјор во Гилгит-Балтистан, изјави за Анадолу портпаролот на локалната самоуправа, Фeјзула Фарак.
Спасувачите со часови се мачеа да ги извлечат мртвите и повредените од урнатините.
Живописниот регион Гилгит-Балтистан, дом на пет врвови над 8.000 метри, се бори со дождови и поплави од крајот на јуни, во кои загинаа 17 лица, додека десетина туристи, вклучувајќи и локален телевизиски водител, се водат како исчезнати.
Во неделата, поплава од излив нa глечерско езеро однесе дел од Автопатот „Каракорам“ што го поврзува Пакистан со соседна Кина, покрај тоа што однесе неколку куќи и владини згради во регионот.
Според Националниот орган за управување со катастрофи, од 26 јуни досега се пријавени над 300 смртни случаи, а повеќе од 700 се повредени во несреќи поврзани со дожд.
Монсунските дождови обично предизвикуваат пустош во јужноазиската земја, но влијанијата од климатските промени, вклучително и топењето на глечерите, го зголемија својот интензитет и непредвидливост во последните неколку години.