Ömer Faruk Yıldız
29 Март 2021•Ажурирај: 30 Март 2021
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Според дневниот извештај што го објави Организацијата за помош на политички затвореници во Мјанмар, во последните 24 часа се потврдени уште 36 жртви, односно има најмалку 459 смртни случаи од почетокот на демонстрациите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во истиот извештај се наведува дека во земјата се приведени 2.559 лица, а 119 лица, за кои имаа потерница за приведување, се кријат.
Од друга страна, вчера продолжија судирите меѓу Армијата на Мјанмар и Националниот сојуз Карен, вооружена група што ѝ припаѓа на етничката група Карени.
Приближно 3.000 цивили ги напуштија своите живеалишта по воздушните напади на Армијата на Мјанмар во регионот Хпапун во државата Карен.
Вчера, припадниците на вооружената Армија на Мјанмар во местото Мандалај подметнаа пожар во една зграда во која живи изгореа 7 лица, а 11 лица се повредени.
- Воен удар во Мјанмар -
Тензиите во Мјанмар ескалираа поради тврдењата дека на изборите на 8 ноември 2020 година се направени манипулации. Генералштабот на 28 јануари ја повика Владата да ги разјасни обвинувањата за манипулација на изборите.
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Во следните денови, Армијата на Мјанмар изврши рација во партиските штабови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД), запленувајќи компјутери и документи.
Началникот на Генералштабот, Мин Аунг Хлаинг, кој ја презеде администрацијата во земјата, вети дека ќе се одржат демократски избори по завршувањето на воената состојба.
Жителите на Мјанмар на 6 февруари започнаа демонстрации со барање за враќање на демократијата во земјата. Во интервенциите што безбедносните сили ги спроведоа против демонстрантите, животот го загубија над 450 демонстранти.
Додека продолжуваат демонстрациите, продолжува и судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.