Betül Yılmaz
16 Јули 2025•Ажурирај: 17 Јули 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Најмалку 38 Палестинци се убиени во Појасот Газа денес, вклучувајќи голем број кои се задушиле од солзавец додека чекале да добијат помош, соопшти Министерството за здравство во Газа, известува Анадолу.
Во соопштението на министерството се вели дека 21 лице ги загубило животите, вклучувајќи 15 жители на Газа кои се задушиле од солзавец испукан од израелската армија во близина на точка за дистрибуција на помош во градот Хан Јунис, управувана од САД.
„За прв пат се регистрирани смртни случаи поради задушување и од интензивно стампедо на граѓани во центрите за дистрибуција на помош“, се додава во соопштението.
Осум други Палестинци, вклучувајќи три деца, се убиени во израелски напади насочени врз шатори за раселени семејства во областа ал-Маваси во Хан Јунис.
Израелската армија гранатираше стан и продавница за кафе во бегалскиот камп Нусејрат во централна Газа. Во нападот се убиени три лица.
Во северниот дел на Појасот Газа, убиени се двајца Палестинци, а неколкумина се повредени кога борбени авиони нападнаа куќа во градот Газа.
Израелските воени авиони нападнаа куќа и во Џабалија. Во овој напад 4 цивили се убиени, а 12 се повредени.
Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија спроведува брутална офанзива против Газа од октомври 2023 година, убивајќи речиси 58.600 Палестинци, од кои повеќето се жени и деца.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид во Меѓународниот суд на правдата за својата војна против енклавата.