Mohammad Sıo
20 Март 2025•Ажурирај: 20 Март 2025
ГАЗА (АА) - Според последните информации, најмалку 14 Палестинци се убиени, а речиси 30 се ранети денес во израелскиот воздушен напад врз место на жалост во северниот дел на Газа, изјавија медицински извори за Анадолу.
Медицинскиот персонал во Индонезиската болница во северна Газа потврди за Анадолу дека во болницата се донесени 14 тела и речиси 30 ранети по нападот врз населбата Ал-Салатен во Беит Лахија.
Очевидци изјавија дека израелско беспилотно летало погодило шатор во кој имало ужалени луѓе, при што има голем број жртви.
Ранетите се пренесени во болниците во северниот дел на Газа, информираа очевидци.
Најмалку 436 лица загинаа, а повеќе од 670 се ранети во новите израелски воздушни напади врз Газа од вторникот, со што е прекршен договорот за прекин на огнот што беше на сила од јануари.
Од октомври 2023 година досега убиени се речиси 50.000 Палестинци, главно жени и деца, а повеќе од 112.000 се повредени во бруталната израелска воена кампања во Газа.
Во ноември 2024 година Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) поради неговата војна во енклавата.