Најмалку 14 загинати, над 120 исчезнати во Тајван по тајфунот Рагаса
Силните врнежи вчера предизвикаа излевање на вештачкото езеро Матаи'ан Крик, по што водата навлезе во градот Гуангфу во округот Хуалиен

АНКАРА (АА) – Најмалку 14 лица загинаа, а повеќе од 120 се водат како исчезнати откако тајфунот Рагаса предизвика поплави во Тајван, јавија локалните медиуми денес, пренесува Анадолу.
Силните врнежи вчера предизвикаа излевање на вештачкото езеро Матаи'ан Крик, по што водата навлезе во градот Гуангфу во округот Хуалиен, поплавувајќи ги улиците до височина на еден кат и носејќи автомобили, соопшти Централната новинска агенција.
Дел од мостот на реката Матаи’ан, исто така, е однесен од надојдените води.
Спасувачките екипи трагаат по 124 исчезнати лица, а 18 се повредени.
Властите евакуираа повеќе од 3.000 жители во побезбедни подрачја од градовите Гуангфу, Фенглин и Ванронг.
Официјалните служби предупредија дека бројот на жртви може да се зголеми бидејќи сè уште траат процените на терен.
На Филипини властите потврдија уште две жртви и шест исчезнати лица по ударот на супертајфунот Рагаса, со што бројот на загинати во северниот дел на земјата се искачи на три.
- Кина евакуира над 1 милион луѓе -
Кинеските власти евакуираа над 1 милион луѓе на безбедни локации откако јужната провинција Гуангдонг го подигна нивото на тревога од тајфуни на највисоко. Очекувањата се супертајфунот Рагаса да пристигне на копно по должината на централниот или западниот брег денес, јавија државните медиуми.
Досега, според новинската агенција „Синхуа“, евакуирани се над 1,04 милиони луѓе, а повеќе од 80.000 рибарски чамци се обезбедени во пристаништата.
Речиси 12.300 офшор-работници се вратени на континенталниот дел, а бурата со ветрови од 55 метри во секунда се движи кон делтата на реката Прл.
Во повеќе од 10 градови, меѓу кои Гуангжу, Шенџен, Жухаи и Донггуан, се суспендирани наставата, работата на деловните објекти и фабриките, како и јавниот превоз.
Синоќа Жухаи воведе целосна контрола на сообраќајот, забрани движење на возила што не се неопходни и ги повика граѓаните да останат во своите домови.
Властите распоредија стотици спасувачки, пожарникарни и служби за итни случаи, а Кинеската национална нафтена корпорација евакуираше над 5.000 работници од своите платформи во Јужното Кинеско Море.