Fatih Erel
05 Јуни 2018•Ажурирај: 05 Јуни 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Меѓународната организација за миграција (IOM), соопшти дека во неделниот бродолим во Средоземното Море во Тунис загинаа најмалку 112 мигранти, пренесува Anadolu Agency (AA).
Брод со околу 180 африкански мигранти потона во неделата во близина на брегот на Тунис, а тамошните власти соопштија дека спасувачките екипи спасиле 68 мигранти и извлекоа најмалку 60 тела.
Шефицата на мисијата на ИОМ во Тунис, Лорена Ландо, соопшти дека меѓу спасените мигранти има 60 Тунижани, тројца мигранти од Брегот на Слоновата Коска, двајца од Мароко и по еден од Либија, Мали и Камерун.
Во соопштението на ИОМ се наведува дека оваа година преку поморски пат во Европа стигнале вкупно 33.192 мигранти и бегалци, што е значително помалку од 72.158-те мигранти, кои преку истата маршрута пристигнаа во Европа во истиот период минатата година. Во првата половина на 2016 година во Европа пристигнале повеќе од 206.000 мигранти.
„Најмалку 125 мигранти, меѓу кои и жени и деца, се удавиле во Средоземното Море во Турција, Тунис, Алжир, Шпанија и Мароко во бродоломите што се случија во првите три дена од месец јуни“, се вели во соопштението.
Ова е првпат оваа година да се случат смртоносни бродоломи во еден викенд на три познати миграциски маршрути преку Средоземното Море.
„Со 112 мртви во потонати бродови, Тунис оваа година е најсмртоносниот регион, регистриран оваа година“, изјави Јулија Блек, претставничката на Проектот за исчезнати лица при ИОМ.
Според податоците на Меѓународната организација за миграција (IOM), од почетокот на оваа година во Средоземното Море се удавиле најмалку 785 мигранти.
Во првата половина од минатата година, во оваа област се удавија 1.650, а една година претходно, 2.512 мигранти.