Ömer Tuğrul Çam
15 Февруари 2022•Ажурирај: 15 Февруари 2022
БРИСЕЛ (АА) - Министрите за одбрана на земјите членки на НАТО ќе разговараат за зголемување на военото присуство на Алијансата во источна и југоисточна Европа по ескалацијата на тензиите меѓу Русија и Западот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Состанокот на министрите за одбрана на НАТО ќе се одржи на 16 и 17 февруари во седиштето на НАТО во Брисел.
Агендата на министрите е зголемената воена концентрација на Русија на украинската граница и кои ќе бидат чекорите што ќе ги преземе Алијансата против зголемената тензија.
НАТО го зајакна своето воздушно, поморско и копнено присуство во источните балтички држави како што се Естонија, Летонија, Литванија и Полска во изминатите неколку месеци по ескалацијата на тензиите со Русија.
Бројот на војници распоредени во 4-те борбени единици во рамките на Засилено напредно присуство на Алијансата во балтичките држави и Полска се зголеми од 4.000 на 5.000 за неколку недели.
Присуството во овој регион беше зголемено со воени бродови и воени авиони испратени од Данска, Холандија, Шпанија, САД и Велика Британија.
Покрај тоа, бројот на војници и воени авиони на земјите на НАТО е зголемен во Романија и Бугарија во последните недели.
Воено засилување во овие две земји имаа САД, Италија, Германија и Шпанија. Во Романија се уште има повеќе од 2.000 војници кои припаѓаат на земјите на НАТО.
Се очекува на состанокот на министрите за одбрана на НАТО да се донесе одлука за ставање на овие воени единици под капата на НАТО.
Присуството на НАТО во Источна Европа се планира да биде долгорочно. Предвидено е борбена единица да биде распоредена во Романија, која минатата недела ја посети генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Дополнително, се оценува и одлуката да има борбени единици во другите делови на југоисточна Европа.
Се наведува дека за овие одлуки ќе се разговара на состанокот на министрите за одбрана на НАТО.
Од состанокот се очекува да произлезе консензус за прашања како што се планирањето на распоредувањата, обемот и големината на единиците, а конечната одлука ќе биде донесена во пролет.
Франција сака да ја предводи борбената единица што ќе биде распоредена во Романија.