БРИСЕЛ (АА) - ШЕРИФЕ ЧЕТИН -
Денес се одбележува 70-годишнината од формирањето на НАТО, кој на преден план излегува како најдолгорочна воена и одбранбена алијанса на меѓународната сцена, пишува Anadolu Agency (AA).
НАТО е основан на 4 април 1949 година со 12 основачки земји членки, а по 70 години своето патување го продолжува со 29 земји членки.
Со пристапувањето на Северна Македонија, НАТО чие седиште се наоѓа во белгискиот главен град, Брисел, се подготвува да стане Алијанса со 30 членки.

Основната цел на оваа Алијанса е гарантирање на независноста и безбедноста на земјите членки преку воени и политички начини, а тоа што го прави НАТО екслузивно е заедничката одбранбена заложба позната како 5. член.
Според овој член, НАТО се заложува да ги заштити своите членки од напад или закана за напад, а во случај да има напад врз една членка тоа се смета како напад извршен врз сите членки.
- НАТО се обидува да ја зголеми својата ефикасност
НАТО е основан по Втората светска војна против воената сила и експанзионистичките политики на Советскиот Сојуз, а често се поставува прашањето дали Алијансата е навистина функционална против безбедносните закани кои постојано стануваат покомплексни.
Сојузниците на НАТО, чија перцепција за закани се смени како резултат на распадот на Советскиот Сојуз по периодот на Студената војна, реализираа сериозни намалувања во одбранбените трошоци.
Илегалната анексија на Крим во 2014 година од страна на Русија му покажа на НАТО дека сè уште постои вечната закана. Со овој поттик, земјите членки на Алијансата за време на Самитот во Варшава во 2014 година ветија дека 2 отсто од нивниот бруто домашен производ ќе го трошат во одбраната.
Друго прашање кое беше ефективно во правењето пресврт во падот на трошоците за одбрана, беше претседателот на САД, Доналд Трамп, кој со своите изјави го доведе во прашање постоењето на НАТО. Трамп постојано упатуваше апел до земјите членки на НАТО за праведно споделување на товарот. Тој вели дека условна е поддршката на САД кои, според него, даваат најголем придонес во Алијансата. Се вели дека Трамп е движечка сила во зголемувањето на одбранбените трошоци.
Моментално, сите сојузници ги зголемија своите одбранбени трошоци. Според ажурираните податоци на НАТО, од 2016 година досега сојузниците потрошија дополнителни 41 милијарда долари во одбраната. Се очекува оваа бројка до крајот на годината да се зголеми на 100 милијарди долари. Одбранбените трошоци на седум земји членки на Алијансата во 2018 година надминаа 2 отсто од нивниот бруто домашен производ.
- НАТО се обновува себеси
Покрај растот во одбранбените трошоци, во овој период кога тестирањата и предизвиците ја изменија формата и достигнаа глобално ниво, НАТО продолжува да се обновува и да се адаптира со цел зачувување на својата функционалност.
Особено внимание привлекуваат чекорите кои Алијансата ги направи минатата година.
НАТО за време на самитот одржан во 2018 година во Брисел донесе значајни одлуки во насока на приспособување и модернизација на својата командна структура.
Сојузниците кои ја одобрија НАТО-иницијативата за готовност, имаат за цел зголемување на способноста на Алијансата за одвраќање и за брзо реагирање против заканите кои особено можат да бидат предизвикани од Русија.
Во согласност со оваа иницијатива која има за цел развивање на културата на подготвеност на Алијансата, со придонес на сите сојузници, до 2020 година се предвидува НАТО да држи во капацитет 30 механизирани баталјони, 30 воздухопловни борбени флоти и 30 борбени бродови со можност да бидат подготвени за мисија за 30 дена или за пократок временски период.
НАТО има за цел да преземе поефективна улога во рамки на борбата против тероризмот. Мисијата за обука која НАТО ја започна во Ирак се смета за значаен чекор.
Исто така, НАТО е фокусиран на вежбите со цел да покаже дека сè уште е ефективен и силен. Оваа алијанса минатата година реализираше над 100 вежби, меѓу кои и големата вежба наречена „Trident Juncture“.
Вежбата „Trident Juncture“ која се сметаше како најголема и најсеопфатна вежба на НАТО реализирана по Студената војна, беше изведена во Норвешка, и во неа учествуваа 50.000 војници, 250 авиони, 65 бродови и 10.000 возила.
- Зголемување на бројката на членките
Политиката на отворени врати на НАТО излегува на преден план како алатка на НАТО за зголемување на својата ефикасност.
Според оваа политика на НАТО, земјите кои сакаат да станат членки на Алијансата треба да ги исполнат следните критериуми: земјата географски да се наоѓа во Европа, во земјата да владее демократија, како и да поседува капацитет и желба да придонесе во безбедноста на евроатлантската зона.
Во овие рамки, по потпишување на Протоколот за пристапување од страна на сите земји членки, НАТО ќе се прошири со членството на Северна Македонија, а членки на Алијансата сакаат да станат и земјите како Грузија, Босна и Херцеговина и Украина.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, Алијансата ја опишува како најмоќна и најуспешна алијанса во историјата. Според него, успехот на НАТО е во тоа што е приспособен на промени.
Во текот на историјата воените алијанси биле краткорочни на традиционален начин. Колку и да се доведе во прашање ефикасноста на НАТО, се забележува дека Алијансата и по 70 години ја чува својата ефикасност.