свет

НАТО го зголемува присуството во источна Европа

„НАТО ќе продолжи да ги презема сите потребни мерки за заштита и одбрана на сите сојузници, вклучително и зајакнување на источниот дел на Сојузот“

Beyza Binnur Dönmez, Ekip  | 24.01.2022 - Обновена : 25.01.2022
НАТО го зголемува присуството во источна Европа

БРИСЕЛ (АА) - Сојузниците во НАТО праќаат повеќе бродови и авиони со цел да ја зголемат подготвеноста и одбраната во источна Европа додека Русија „ја зголемува својата воена сила во Украина и околу неа“, објави НАТО денес, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Сојузниците во НАТО ги ставаат силите во готовност и праќаат дополнителни бродови и борбени авиони во источна Европа, зајакнувајќи ја сојузничката подготвеност и одбрана додека Русија ја зголемува својата воена сила во Украина и околу неа“, се наведува во соопштението на воената алијанса. Меѓу сојузниците се Шпанија, Данска, Франција, Холандија и САД.

Соопштено е дека во саботата шпански воен брод со околу 200 морнари впловил во Црното Море и се разгледува дали ќе се испратат борбени авиони во Бугарија, додека Данска одлучила да испрати фрегата во Балтичкото Море и да ја зајакне воздушната мисија на НАТО во Литванија со четири ловци Ф-16.

Франција понуди зајакнување на силите на НАТО во Бугарија, а САД изразија подготвеност за распоредување повеќе трупи и опрема во источна Европа.

Холандија распоредува два борбени авиони Ф-35 за учество во мисијата во Бугарија што почнува во април, а ги ставa во готовност бродот и копнените единици на силите на НАТО за одговор.

„НАТО ќе продолжи да ги презема сите потребни мерки за заштита и одбрана на сите сојузници, вклучително и зајакнување на источниот дел на Сојузот“, рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Тој, поздравувајќи ја одлуката на сојузниците на НАТО, истакна:

„Секогаш ќе одговориме на секакво влошување на нашето безбедносно опкружување, зајакнувајќи ја нашата колективна одбрана.“

Објавата следуваше по изјавата на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој во петокот објасни дека руските предлози за европските безбедносни аранжмани бараат повлекување на војниците на НАТО, опремата и оружјето на Бугарија и Романија.

Во соопштението на портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску, се наведува дека НАТО нема да се откаже од своето право на одбрана и беа отфрлени руските барања бидејќи се засноваат на „идејата за сфери на влијание во Европа“ и би создале „првокласни и второкласни членки на НАТО“.

Вчера и денес владите на САД и Велика Британија одлучија да ги повлечат семејствата на своите дипломатски претставници од Киев.

САД, со европските сојузници, предупредуваат дека Русија подготвува терен за инвазија на Украина и дека однапред распоредила повеќе од 100.000 војници на границите со Украина, заедно со распоредување на артилерија и тенкови.

Москва негира дека се подготвува за воена офанзива, велејќи дека нејзините војници се таму поради редовни вежби.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.