Şerife Çetin
27 Март 2018•Ажурирај: 28 Март 2018
БРИСЕЛ (АА) - Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, изјави дека Алијансата, во врска со случајот на труење на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Велика Британија им ја поништи акредитацијата на седум руски дипломати, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ги поништив акредитациите на седум руски дипломати кои работат во рамките на НАТО. Истовремено нема да прифатам три руски акредитации кои се на чекање", изјави Столтенберг, на прес-конференција во Брисел, што се одржа по повод последните настани во врска со случајот на труење на поранешниот руски шпион.
Тој додаде дека одлуката на НАТО е „пропорционална" на претходните акции на руските власти во врска со овој случај.
Нагласи дека НАТО дејствува едноставно по ова прашање, додавајќи дека бројот на лица во руската мисија во НАТО е намален на 20 лица. Истакна дека одлуката на НАТО претставува јасна и силна порака до Москва која, како што рече, им покажа на руските власти дека „неприфатливото и опасно однесување има своја цена."
Тој истакна дека Русија не дејствува конструктивно по нападот во Солсбери.
„Нашата постапка е одраз на сериозна загриженост во врска со прашањето на безбедноста која ја чувствуваат сите наши сојузници и претставува дел од глобалната реакција што следеше по последниот чекор на Русија", изјави Столтенберг. На крајот истакна дека НАТО нема да ја промени сегашната политика кон Русија, истакнувајќи дека таа се состои од две компоненти - силна одбрана и отвореност кон дијалогот.
Тој додаде дека по тој поглед продолжуваат подготовките за претстојниот состанок на Советот на НАТО и Русија. На прашање на новинарите што претставува последната одлука на НАТО во конкретна смисла, Столтенберг истакна дека со тоа ќе се намали просторот за разузнавачките активности на Русија во земјите-членки на НАТО.
Одлуката за протерување на руски дипломати претходно беше донесена од страна на Велика Британија, САД и многу членки на ЕУ кои за труењето на Скрипал и неговата ќерка ја обвинија Русија.
Меѓу последните земји кои ја донесоа одлуката за протерување на руските дипломати е Ирска. Ирското Министерство за надворешни работи соопшти дека земјата ќе го протера рускиот дипломат.