Ahmed Asmar
20 Март 2025•Ажурирај: 21 Март 2025
ГАЗА (АА) - Повеќе од 700 Палестинци се убиени во обновените израелски воздушни напади врз Појасот Газа од вторникот, соопшти Министерството за здравство, јавува Анадолу.
„Телата на 710 лица беа пренесени во болниците, а над 900 се повредени“, изјави за Анадолу портпаролот на Министерството, Халил ал-Дакран.
Тој додаде дека 70 отсто од повредените во израелските напади се деца и жени.
„Многумина од повредените починаа поради неможност да се укаже итна медицинска нега бидејќи израелската блокада врз Газа предизвика сериозен недостиг на основна медицинска опрема и лекови“, додаде тој.
Израелската армија во вторникот започна ненадејна воздушна кампања врз Појасот Газа, со што ги прекрши договорениот прекин на огнот и размената на затвореници од јануари.
Убиени се речиси 50.000 Палестинци, главно жени и деца, а повеќе од 112.000 се повредени во бруталната израелска воена кампања во Газа од октомври 2023 година.
Во ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.