Betül Yürük
16 Декември 2021•Ажурирај: 17 Декември 2021
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Седум земји, вклучително и Соединетите Американски Држави (САД), тврдат дека повеќе од 100.000 луѓе се држат во затворски логори во Северна Кореја од политички причини и се подложени на тортура, вонсудски егзекуции и гладување, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Линда Томас Гринфилд, постојаната претставничка на САД во Обединетите нации, во заедничка изјава во име на Велика Британија, Франција, Јапонија, Ирска, Естонија и Норвешка истакна дека во Северна Кореја систематски се кршат човековите права.
„Режимот во Северна Кореја продолжува да држи повеќе од 100.000 луѓе во затворски логори од политички причини каде што се подложени на тортура, принудна работа, вонсудски убиства, гладување и сексуално насилство“, истакна Гринфилд.
Таа нагласи дека остатокот од населението живее во страв и е лишено од неговите основни права на слобода на изразување. „За секого што се обидува да побегне од земјата, режимот ја спроведува наредбата ‘удри-убиј‘ и спречува хуманитарната помош да стигне до беспомошните.“
Гринфилд во изјавата додаде дека кршењето на човековите права во Северна Кореја е документирано и дека според Комисијата на ОН, државата врши злосторства против човештвото, и го повика Советот за безбедност на ОН да преземе акција во однос на ова прашање.