Zuhal Demirci,Adam Abu Bashal
01 Јули 2017•Ажурирај: 02 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Поради проектите кои Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) ги спроведува на целата територија на Унгарија и поради давањето придонес во општиот развој на земјата и зачувување на културното наследство, владата на Унгарија му додели орден за државни заслуги на претседателот на ТИКА Сердар Чам, јавува Anadolu Agency (AA).
Орденот за државни заслуги кои унгарската влада им го доделува на луѓето во Унгарија кои имаат постигнато успех на полето на културата, науката и уметноста, а кои се од особено значење за Унгарија и унгарската култура, со пригодна церемонија во резиденцијата на амбасадата на Унгарија во Анкара му беше доделен на претседателот на Тика, Сердар Чам.
На церемонијата, покрај големиот број гости, присуствуваа премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, вицепремиерот на Турција Вејси Кајнак, претседателот на ТИКА, Сердар Чам и претседателот на одделот за Источна Европа на ТИКА, Махмут Кајнак.
Во своето обраќање, премиерот на Унгарија Орбан истакна дека претседателот на ТИКА Чам, од преземањето на функција во 2011 година досега, работата ја извршува на крајно благороден и чесен начин, што е за восхит.
„Доколку не го сочуваме културното наследство и доколку не им го презентираме тоа на следните генерации, ние стануваме послаби и посиромашни”, рече унгарскиот премиер Орбан, изјавувајќи дека ТИКА во Унгарија, под претседателство на Чам изработила многу големи проекти. Тој потсети дека благодарение на вложените напори на ТИКА и спроведените истражувања, во Унгарија е пронајден гробот на султанот Сулејман Величествениот, а извршени се и обновувања на многу други објекти во земјата.
„ТИКА под раководство на нејзиниот почитуван претседател Чам, даде голем придонес на полето на образованието, здравството и јавните институции во Унгарија и овозможи презентација на унгарската култура во Турција. Многу сме ви благодарни за вашата поддршка”, рече Орбан. Освен тоа, Орбан истакна дека доделениот орден претставува симбол на благодарност од страна на Унгарците.
Претседателот на ТИКА Чам по доделувањето на орденот, им се обрати на присутните, истакнувајќи ја својата благодарност за добиениот орден за државни заслуги на Унгарија. „Како двајца пријатели, браќа и два народа, ќе се трудиме уште повеќе да ги развиеме нашите врски”, рече Чам.
За дадената поддршка од страна на владата, претседателот на ТИКА, Чам, им се заблагодари на турскиот вицепремиер Кајнак, на турската влада и народ и истакна дека овој орден го прима во име на сите вработени на ТИКА.
„Сакам да и се забрагодарам на Република Турција која ги мобилизираше сите свои можности давајќи материјална и духовна поддршка, а особено на почитуваниот претседателот на Турција, почитуваниот премиер, владата и народот кои го дадоа свој допринос во успехот на нашата работа”, рече претседателот на ТИКА.
- Активности на ТИКА во Унгарија
Својата прва канцеларија за координација во Европската Унија, ТИКА ја отвори во Будимпешта на 1 мај 2014 година. Благодарение на Програмата канцеларијата за координација на ТИКА во Будимпешта, во периодот 2014-2017, во Унгарија се спроведени повеќе од 60 проекти на полето на услуги во социјалната инфраструктура, образование, здравство, наука и заедничка соработка за реставрација на културното наследство.