Betül Yürük
09 Мај 2019•Ажурирај: 10 Мај 2019
ЊУЈОРК (АА) - Бројот на мигранти кои беа уапсени на американско-мексиканската граница минатиот месец надмина 100.000, пренесува Anadolu Agency (AA).
Официјалните претставници на царинската и граничната заштита на САД, соопштија дека во април мексиканската граница ја преминале 109.144 мигранти, кои се уапсени.
Бројот на илегални влегувања во САД минатиот месец е зголемен за 6 отсто. Официјалните претставници порачаа дека очекуваат оти тој број на годишно ниво ќе изнесува и до милион мигранти.
Претседателката на американската погранична полиција, Карла Провост, е загрижена поради губење на граничната контрола.
Мигрантите, кои ги напуштаат Гватемала, Хондурас и Ел Салвадор, преку Мексико продолжуваат да влегуваат во САД.
Повеќе од 7.000 луѓе во ноември минатата година од земјите на Централна Америка тргнаа кон САД и пристигнаа до мексиканскиот град Тихуана.
Многу мигранти се одлучија на бегство од Гватемала, Хондурас и Ел Салвадор, а како главни причини ги наведуваат сиромаштијата, насилството и тиранијата.
И покрај предупредувањата дека ќе бидат приведени, одлучни се да влезат во САД. Припадниците на граничната полиција на САД, во ноември, против мигрантите, меѓу кои се наоѓаа и малолетници, користеа солзавец во намерата да ги спречат да ја преминат границата.
Трамп претходно порача дека ќе ја затвори границата, доколку Мексико веднаш не ги запре незаконските миграции во САД. Американскиот претседател и претходно честопати истакнуваше дека ќе ја затвори границата со Мексико.
Мигрантите кои незаконски ја преминуваат американската граница предизвикаа сериозна напнатост меѓу САД и Мексико, а затворањето на границата со Мексико беше едно од главните ветувања на Трамп во предизборната кампања.