Ekipa
07 Февруари 2021•Ажурирај: 08 Февруари 2021
ЈАНГОН (АА) - Претходната владејачка партија на Мјанмар упати повик до Обединетите нации (ОН) и меѓународната заедница да не го признаваат Државниот управен совет формиран по воениот удар во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Формиран на 2 февруари по притворањето на голем број владини претставници, Советот, предводен од врховниот командант на Вооружените сили на земјата, е извршно тело кое во моментов управува со земјата.
Националната лига за демократија (NLD), предводена од соборената државна советничка Аунг Сан Су Чи, која е притворена за време на пучот, денес објави соопштение во кое ги повикува ОН и меѓународната заедница да не ја признаваат воената влада.
Наведувајќи го незаконското и нелегитимно преземање на власта од страна на Војската, партијата ги повика амбасадите да не соработуваат со воената влада.
Аунг Чи Нјинт, член на Централниот извршен комитет на Националната лига за демократија (NLD), рече дека знаат дека одредени странски дипломати се подготвуваат да почнат да соработуваат со Советот, без да наведе повеќе детали.
„Пучот не е во согласност со Уставот и владата предводена од притворениот претседател Вин Мјинт сè уште е легитимната влада. Ниедна земја која ги почитува демократските норми не треба да ја признае воената хунта“, изјави Нјинт денес телефонски за Агенција Анадолија.
Во петокот, Кристин Шранер Бургенер, специјалната претставничка на генералниот секретар на ОН за Мјанмар, разговараше со потпретседателот на Советот и заменик-началник на војската, Сое Вин, преку видеолинк.
Воениот удар предизвика масовни протести низ целата земја, а јавните службеници, особено здравствените работници, беа на чело на ненасилниот отпор.