Devina Halim
27 Април 2021•Ажурирај: 28 Април 2021
ЏАКАРТА
Најмалку 753 лица се убиени за време на демонстрациите во Мјанмар, што започнаа откако на 1 февруари во таа земја е извршен воен удар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во дневниот извештај на Здружението за помош на политичките затвореници (AAPP) се наведува дека во неделата загинале две лица, а дека жртвите биле регистрирани во понеделникот.
Во притвор се наоѓаат 3.441 лице, а 79 од нив се осудени.
„Денес се одбележуваат 85 дена од обидот за државен удар и убиени се над 700 цивили, вклучувајќи жени и деца, а многумина беа повредени“, соопштија од Здружението.
Од Здружението велат дека очекуваат Мјанмар да биде во уште покритична состојба, доколку не се преземе ефективна акција во борба против кризата.
„Мирот ќе остане неостварлив без демократија. Мора да се фокусираме на поразување на диктатурата во Бурма“, се додава во извештајот.
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Додека во земјата се одржуваат демонстрациите што започнаа на 6 февруари со барање за враќање на демократијата во земјата, продолжува судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.