Ömer Faruk Yıldız
22 Април 2021•Ажурирај: 23 Април 2021
КУАЛА ЛУМПУР
Претставникот на Светската програма за храна (WFP) на Обединетите нации за Мјанмар, Стивен Андерсон, истакна дека по пучот во земјата се зголемени невработеноста и трошоците за живот, известува Агенција Анадолија (АА).
Андерсон, претставникот на ВФП за Мјанмар, посочи дека производството, градежништвото, храната и услужниот сектор значително се намалиле поради државниот удар и актите на граѓанска непослушност.
„Доколку не се преземат заеднички чекори, најмалку 3,4 милиони луѓе во Мјанмар ќе имаат потешкотии да ги исполнат своите основни потреби за храна во следните три до шест месеци“, истакна Андерсон.
Истакнувајќи дека по пучот цените на оризот во земјата се зголемија за 5 %, а цената на нафтата за 18 %, Андерсон рече дека Програмата за храна ќе ги зголеми активностите за хуманитарна помош во регионот.
Светска банка предвиде дека економијата во Мјанмар годинава ќе се намали за 10 % поради протестите што се организираат против пучот и поради меѓународните санкции.
- Воен удар во Мјанмар
Тензиите во Мјанмар ескалираа поради тврдењата дека на изборите на 8 ноември 2020 година се направени манипулации. Генералштабот на 28 јануари ја повика Владата да ги разјасни обвинувањата за манипулација на изборите.
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Од почетокот на протестите организирани против пучот досега, во оружената интервенција на безбедносните сили врз демонстрантите, животот го загубија 738 лица.
Додека во земјата се одржуваат демонстрации коишто започнаа на 6 февруари со барање за враќање на демократијата во земјата, продолжува судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.