Elena Teslova
13 Септември 2019•Ажурирај: 15 Септември 2019
МОСКВА (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски денеска објави дека Русија и Украина подготвуваат нова листа за размена на затворениците, јавува Anadolu Agency (AA).
„Оваа тема е на дневниот ред на состаноците на групата Минск и на консултациите во Нормандиската четворка - Украина, Германија, Франција и Русија“, изјави Зеленски, говорејќи на Форумот „Европска стратегија на Јалта (YES)“ во главниот град Киев.
„Сега подготвуваме други листи и чекаме за нов круг на преговори. Ќе се согласиме за ова во Минск и во процесот Нормандија“, рече Зеленски.
Запрашан за можноста за мировна мисија на Донбас, во источна Украина, Зеленски рече дека е „претпазлив“ за идејата, но дека не му пречи да има мировници на руско-украинската граница.
„Многу сум претпазлив во однос на ова прашање за мировниците во Донбас. Знам дека претходната Влада разговараше за овие прашања и за структурата за тоа како да се воведе мировна мисија. До овој момент, јас не го покренав прашањето за мировниците во процесот во Минск“, рече тој.
Што се однесува до Крим, Зеленски вети дека ќе се бори за тоа.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека „никој не ја исклучува можноста“ за нова рунда на размената, но и дека на овој процес му требаат повеќе преговори и работа
„Оваа [нова размена] бара почеток на нов процес, размена на мислења, многу макотрпна работа, која секако одзема многу време.Она што е поважно е дека никој не ја исклучува можноста и експедитивноста на еден ваков процес. Затоа, тоa е прашање на билатералните контакти “, рече Песков.
Москва и Киев на 7 септември ја извршија првата рунда на размена на затвореници. Беа ослободени вкупно 70 лица, по 35 од двете страни. Овој потег беше поздравен од меѓународната заедница.
Односите меѓу Киев и Москва се распаднаа откако Русија го анектираше Крим по нелегалното гласање за независност во 2014 година.
ОН, ЕУ, САД и Турција не го признаваат Крим како руска територија.
Украина исто така го обвини Кремљ за сепаратистичко насилство во источна Украина, во близина на границата со Русија.