Hakan Çopur
04 Април 2019•Ажурирај: 04 Април 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Министерот за надворешни работи на САД, Мајк Помпео, соопшти дека поранешната тв-водителка Морган Ортагус е назначена за нова портпаролка на ова министерство, пренесува Anadolu Agency (AA).
Помпео во објава на Твитер истакна дека 37-годишната Ортагус е донесена на функција портпарол на Министерството за надворешни работи на САД.
„Со задоволство ја поздравувам Морган Ортагус како наша нова портпаролка на Министерството. Таа ќе ја води нашата борба за комуникација и одбрана на надворешната политика на САД“, напиша Помпео.
Кратко по објавата на Помпео, твитер-профилот „Statedeptspox“, користен од страна на портпаролот на Министерството за надворешни работи на САД, беше обновен со фотографијата и податоците на Ортагус.
Oртагус во својата прва објава на Твитер упати благодарност до Помпео.
Таа стана една од личностите, како што беше и во случајот на поранешната портпаролка Хетер Нојерт, кои преминаа во ова министерство од тв-каналот „Фокс њуз“ („Fox News“), кој е познат по својата блискост со претседателот на САД, Доналд Трамп.
Oртагус минатата недела ја напушти својата функција во „Фокс њуз“, каде што работеше како аналитичар на националната безбедност.