Ikrame Imane Kouachi
12 Ноември 2023•Ажурирај: 13 Ноември 2023
АНКАРА (АА) – Програмата на Обединетите нации за развој (УНДП) соопшти дека многу лица загинале и се повредени во бомбардирањето на комплексот на Обединетите нации во Газа во текот на ноќта, јавува Анадолу.
УНДП соопшти дека е „длабоко вознемирен од првичните извештаи за гранатирањето на комплексот на Обединетите нации во градот Газа, што Програмата на УНДП за помош на палестинското население го раководеше до 13 октомври, кога персоналот на ОН го напушти комплексот“.
Се наведува дека „ во гранатирањето има значителен број загинати и повредени“.
На 6 ноември, УНДП соопшти дека „неколку стотици луѓе кои бараа засолниште влегоа во комплексот и има индикации дека овој број оттогаш значително е зголемен“.
„Трагедијата со загинати и повредени цивили во овој конфликт е неприфатлива и мора да престане“, нагласија од УНДП.
Во програмата се нагласува дека „цивилите, цивилната инфраструктура и неповредливоста на објектите на ОН мора да се почитуваат и штитат во секое време“.
Исто така, се нагласува дека „меѓународното хуманитарно право, меѓу кое и принципите на дистинкција, пропорционалност и претпазливост, мора да се почитуваат и применуваат“.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот, Хамас, на 7 октомври.
Во израелските напади загинаа најмалку 11.100 Палестинци, меѓу кои 4.506 деца и 3.027 жени.
Според официјалните податоци, бројот на загинати во Израел изнесува околу 1.200.