Amina Zorniç
20 Декември 2016•Ажурирај: 20 Декември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Првата дама на САД, Мишел Обама, изјави дека во иднина нема намера да се кандидира за претседателка на земјата, како ни за која било друга позиција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во интервју со популарната американска ТВ-водителка, Опра Винфри, за каналот „Си-би-ес“, Мишел Обама, сопругата на американскиот претседател во заминување, Барак Обама, истакна дека е свесна оти многумина Американци сериозно повикуваат таа да се кандидира за претседателка на земјата во 2020 година.
„Знам дека многумина тоа сериозно го сакаат, а пак поголемиот дел од другите само се надеваат дека би можела тоа да го сторам. Не верувам дека знаат што всушност бараат од мене. Впрочем, ниедно семејство не треба да се занимава со тоа повеќе од осум години, не би можела тоа да им го направам на своите деца. Нема да се кандидирам за таа, ниту за некоја друга функција“, истакна Обама.
Првата дама на САД нагласи дека титулата „прво семејство“ на САД била тешка работа, особено за децата Малиа и Саша Обама.
„Нивните животи на некој начин запреа и тргнаа по пат што тие не го разбираа најдобро. Дозволете ова да ѝ го кажам на Америка: оваа работа е тешка и бара многу одрекување“, рече Обама.
На прашањето каде ќе продолжат да живеат со поранешниот американски претседател Обама, Мишел изјави дека тоа ќе биде во топлите краеви.
По 8 ноември, кога на претседателските избори во САД беше избран републиканскиот кандидат Доналд Трамп, на социјалните мрежи беше започната кампања Мишел Обама да биде кандидат за изборите во 2020 година.
Обама стана најпопуларната фигура во САД за време на претседавањето на нејзиниот сопруг.
Светските медиуми ја нарекоа една од највлијателните жени во модерната историја. Освен тоа што оваа прва Афроамериканка е на местото прва дама на Белата куќа, многумина поради нејзината младост и елеганција ја споредуваа со Џеки Кенеди, а медиумите и модните експерти ја ставаат меѓу најдобро облечените жени во светот.