Betül Yürük
22 Април 2016•Ажурирај: 22 Април 2016
ЖЕНЕВА (АА) - Официјалниот претставник на Обединетите нации (ОН) за Сирија, Стефан де Мистура, вчера во интервјуто за швајцарската радиотелевизија РТС изјави дека мировните преговори за Сирија ќе продолжат и без сириската опозиција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Откако сириската опозиција одлучи привремено да ги напушти преговорите во Женева, Де Мистура изјави дека преговорите ќе се продолжат со страните кои сакаат да учествуваат во нив.
„Мировните преговори во Сирија ќе продолжат. Не можеме да дозволиме да запрат. Треба да го обновиме примирјето и да ја забрзаме доставата на хуманитарната помош”, одговори специјалниот претставник на прашањето за продолжување на преговорите.
Високата комисија за преговори претходно донесе одлука за порано напуштање на преговорите во Женева, потег кој Де Мистура го оцени како дипломатски став и додаде дека во војната, која во Сирија трае веќе неколку години, загинале околу 400.000 луѓе.
Портпаролот на Високата комисија за преговори, Салем ел Муслат, изјави дека не се повлекле од преговорите туку дека ги одложиле со цел да ја согледаат целата ситуација. Тој додаде и дека е неопходно укинување на опсадата на одредени подрачја, да се овозможи доставата на хуманитарна помош, да се ослободат заробениците и да се спречи бомбардирањето.