Elena Teslova
23 Јануари 2024•Ажурирај: 24 Јануари 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан и неговиот руски колега Сергеј Лавров се сретнаа во Њујорк, пренесува Анадолу.
Разговорите зад затворени врати меѓу шефовите на дипломатиите на двете земји се одвиваа еден ден пред состанокот на Советот за безбедност на ОН на кој ќе се разгледа ситуацијата на Блискиот Исток, вклучително и Газа.
Не беа споделени дополнителни информации за средбата.
Во меѓувреме, руското Министерство за надворешни работи во соопштението наведе дека Лавров и Фидан ја истакнале важноста од координирање на чекорите за наоѓање „заемно прифатливи решенија“ за регионалните прашања, пред сѐ, во врска со ситуацијата во Појасот Газа, Сирија и Блискиот Исток, зоната на Црното Море, како и на Кавказ.
Двајцата министри разговараа и за распоредот на претстојните билатерални контакти, како и за билатералните трговски и економски врски, се вели во соопштението.
Израел започна смртоносна офанзива во Појасот Газа по нападот на Хамас, при што загинаа најмалку 25.295 Палестинци, а беа повредени 63.000.
Според податоците на Обединетите нации, поради израелската офанзива, 85 отсто од населението во Газа е внатрешно раселено и се соочува со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.