Сирискиот претседател ја поздрави одлуката на Советот за безбедност на ОН за укинување на санкциите за него
Резолуцијата, подготвена од САД, беше усвоена вчера и претставува редок пример на консензус во Советот за безбедност околу олеснување на мерките поврзани со сириското раководство
ИСТАНБУЛ (АА) – Сирискиот претседател Ахмед ал-Шара денес го поздрави решението на Советот за безбедност на Обединетите нации за укинување на санкциите воведени за него и министерот за внатрешни работи Анас Катаб, нарекувајќи го потегот „чекор во вистинска насока“ откако 14 членки гласаа „за“, а само Кина беше воздржана, јавува Анадолу.
Резолуцијата, подготвена од САД, беше усвоена вчера и претставува редок пример на консензус во Советот за безбедност околу олеснување на мерките поврзани со сириското раководство.
„Ова е првпат по долго време Советот за безбедност да се согласи за нешто. За среќа, тоа беше нешто поврзано со Сирија“, рече Ал-Шара во интервјуто за телевизијата Ашарк њуз на маргините на климатскиот самит КОП30 во Бразил.
Тој додаде дека „не е разумно еден шеф на држава да остане под санкции, додека одржува обемни односи со сите земји што се вклучени“.
Ал-Шара истакна дека Сирија успеала да изгради консензус меѓу земјите што ретко се согласуваат по глобални прашања, оценувајќи го решението како „позитивен знак што може да биде почеток на решавање на многу нерешени проблеми во светот“.
Сирискиот претседател им се заблагодари на неколку држави за поддршката на дипломатските напори што доведоа до укинувањето на санкциите за Сирија, меѓу кои Саудиска Арабија, Турција, Катар, Обединетите Арапски Емирати и Јордан.
Ал-Шара рече дека се надева дека ќе разговара за иднината на односите меѓу САД и Сирија со претседателот Доналд Трамп за време на неговата посета на Белата куќа следниот понеделник.
Ал-Шара и неговата делегација се во Белем, Бразил, за да присуствуваат на самитот на шефовите на држави на КОП30. Ова е првпат сириски претседател да учествува на климатска конференција на ОН од почетокот на процесот во 1995 година.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
