İbrahim Sipahi,Esat Fırat
18 Март 2024•Ажурирај: 19 Март 2024
ГАЗА (АА) - Министерството за здравство на Газа ги повика Обединетите нации (ОН) и другите меѓународни институции да ја запрат тековната операција на Израел во зоната каде што се наоѓа болницата Ал Шифа во која загинаа пациенти, бегалци и медицински персонал, пренесува Анадолу.
Според портпаролот на израелската армија, Даниел Хагари, војниците спроведуваат „прецизна операција“ во близина на болницата.
Во соопштението на Министерството се вели дека избувнал пожар на влезот, посочувајќи дека има жени и деца што се засолниле во болницата.
Се истакнува дека комуникацијата е прекината, а голем број бегалци се блокирани во зградата на оперативниот оддел и одделот за итни случаи.
Голем број Палестинци ги загубија животите и беа ранети, се вели во соопштението, во кое се додава дека повредените не може да се спасат бидејќи пожарот не може да се изгасне и дека сите што се приближувале до прозорците биле таргетирани.
Хамас, палестинската група што изврши прекуграничен напад на 7 октомври 2023 година, одделно ги повика Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Светската здравствена организација да ги исполнат своите одговорности и да ги заштитат медицинските установи заглавени во Газа.
Израел извршува смртоносна воена офанзива врз Газа од октомври минатата година, при што загинаа повеќе од 31.600 Палестинци и населението се наоѓа на раб на глад. Таа ја претвори енклавата во урнатини, предизвика масовно раселување, а исто така е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.
Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за да се гарантира хуманитарна помош за цивилите во Газа.