Ekip,Rabia İclal Turan
14 Ноември 2022•Ажурирај: 19 Ноември 2022
БЕРЛИН (АА) - Европската Унија (ЕУ) ќе воведе нов пакет санкции во кој ќе бидат опфатени и 30 ирански лица за нивната улога во безбедносните мерки во Иран, изјави денес министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обраќајќи им се на медиумите пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, Аселборн рече дека меѓу поединците кои ќе бидат санкционирани има и членови на иранскиот Корпус на револуционерната гарда.
„Денес Иран оди во диктатура, воена диктатура. Во Иран живеат 80 милиони луѓе и мислам дека 90 отсто од луѓето живеат во многу лоша ситуација“, рече Аселборн.
Иран е потресен од смртоносни протести од средината на септември по смртта на 22-годишната Махса Амини, која беше уапсена од државната морална полиција на Техеран поради наводно кршење на исламскиот кодекс на облекување.
„Не можеме да го промениме светот само со санкции. Тоа е јасно, но тоа е сѐ што имаме“, истакна Аселборн.
Во меѓувреме, германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, рече дека новите санкции на ЕУ треба да се гледаат како јасен сигнал до Владата во Техеран поради бруталниот безбедносен удар врз демонстрантите кои се залагаат за слобода.
„Испраќаме нов и непогрешлив сигнал до иранскиот режим: човековите права се неделиви“, рече Бербок.