свет

Милитантите лојални на Калифа Хафтар го прекршија примирјето по завршувањето на самитот во Берлин

Репортерот на АА јавува дека милитантските групи на Хафтар изведоа минофрлачки напади врз регионот Салахадин, а во текот на денот истите напади се изведени и во регионот Халалат

Enes Canlı  | 20.01.2020 - Обновена : 21.01.2020
Милитантите лојални на Калифа Хафтар го прекршија примирјето по завршувањето на самитот во Берлин

ТРИПОЛИ (AA) - Нелегитимните сили од истокот на Либија кои ги предводи Калифа Хафтар ги гранатираа јужните делови на Триполи и по завршување на самитот за Либија во Берлин го прекршија примирјето, јавува Агенција Анадолија (АА).

Репортерот на АА јавува дека милитантските групи на Хафтар изведоа минофрлачки напади врз регионот Салахадин.

„Милитантите лојални на Калифа Хафтар го гранатираат регионот Салахадин и така го кршат примирјето"; рече за АА гласноговорникот на силите лојални на меѓународно признатата Влада на национално единство на Либија, Абдулмалик ал Медени.

Силите на Хафтар и во текот на денот го прекршуваа примирјето гранатирајќи го регионот Халалат кој исто така се наоѓа јужно од центарот на Триполи. Целта на нападите беше и нафтниот танкер кој се запали, а над Триполи се издигна густ црн чад.

Нелегитимните сили од истокот на либија така договореното примирје го кршеа и во текот и непосредно по самитот кој денес е одржан во Берлин.

Во Берлин е одржан самит на кој се собраа светските лидери за да разговараат за воспоставување на трајно примирје и пронаоѓање политичко решение за повеќегодишната криза во Либија.

Домаќините на самитот за Либија во Берлин, германската канцеларка Ангела Меркел и генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш се обратија пред новинарите по завршувањето на конференцијата во седиштето на германската влада и истакнаа дека учесниците се согласни дека нема воено решение на кризата во Либија.

На конференцијата, меѓу останатите, учестуваа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Русија, Владмир Путин, францускиот претседател Емануел Макрон и египетскиот претседател Абдел Фетах ал Сиси, како и премиерите на Велика Британија и Италија, Борис Џонсон и Џузепе Конте и шефот на американската дипломатија Мајк Помпео.

На конференцијата во Берлин учествуваа и шефот на меѓународно признатата Влада на национално единство на Либија, Фајез Ал Сарај и водачот на нелигитимните сили од истокот на Либија, Калифа Хафтар.

Меѓу учесниците беше и претседателот на Египет, Абдел Фатах ал Сиси и шефот на дипломатијата на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) Шеик Абдулах бин Зајед бин Султан Ал Нахјан.

Либија е упориште на длабока политичка и безбедносна криза од 2011 година и соборувањето на Муамер Гадафи од власта. Оттогаш траат тензиите во двата спротивставени табори. Владата на национално единство со седиште во Триполи ја има поддршката од Обединетите нации и меѓународната заедница, додека Калифа Хафтар од Тобрук ги предводи нелегитимните сили кои главно ги поддржуваат Египет и ОАЕ.

Сепаратистичките сили на Хафтар од април минатата година изведуваат напади со цел заземање на Триполи.

На повик на лидерите на Турција и Русија, Ердоган и Путин, во Либија на 12 јануари е воспоставено примирје. Мировните преговори минатата недела во Москва не резултираа со потпишување на договор за трајно примирје, бидејќи Хафтар преговорите ги напушти без потпис.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.