Evren Aydemir
25 Мај 2017•Ажурирај: 26 Мај 2017
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека е неопходно да се продолжи борбата против криумчарите на мигранти и бегалци, кои дејствуваат како мафија, и додаде дека договорот со Турција бил особено важен потег во спречувањето на мигрантските трагедии во Егејското Море, јавува Anadolu Agency (AA).
Канцеларката Меркел и поранешниот американски претседател Барак Обама присуствуваа на панелот што по повод на Денот на Протестантската црква е одржан пред Бранденбуршката порта, а во таа пригода истакна дека германската морнарица во Егејското Море спасила 20.000 мигранти, но дека тоа не е доволно.
„Во периодот кога дневно стотици мигранти умираа во Егејското Море, вложив големи напори за постигнување на договор со Турција. И понатаму тврдам дека на Турција треба да ѝ помогнеме, бидејќи на мигрантите можеме подобро да внимаваме таму, во таа земја“, изјави Меркел.
Меркел истакна дека поради доцнењето во постигнувањето на договор за спречување на мигрантскиот бран, Германија морала да прими одреден број од тие луѓе, и дека земјата сега мора забрзано да ги депортира мигрантите на кои не им е одобрен азил во Германија.
Најважно е да помогнеме и да ги оставиме овде луѓето на кои таа помош им е навистина потребна, изјави Меркел и додаде дека воените операции се неопходни во борбата против тероризмот, но дека тој проблем е невозможно да се реши, особено по воен пат.
Поранешниот американски претседател во обраќањето на панел-дискусијата истакна дека секој човек на светот има право на љубов и солидарност и дека на сиромашните луѓе секогаш треба да им се помага.
„Меѓутоа, како претседател на државата имате првенствена обврска да ја штитите својата земја и народот. Најдобрата помош за мигрантите е спречување на проблемите и судирите во нивните земји“, изјави Обама.
На прашањето на учесниците на панелот да го коментира страдањето на цивилите во нападите на американските воени дронови врз позициите на терористичката организација ДЕАШ, Обама изјави дека војната против тероризмот не е против која било држава, туку против терористите кои дејствуваат во тајност и чии активности и позиции е тешко да се откријат.
„Некои одлуки што ги донесов беа погрешни и предизвикаа страдање на цивилите. Меѓутоа, немаше друг пат за да дојдеме до терористите“, изјави Обама и додаде дека значително поголем број цивили настрадале во средиштата на оружените судири отколку на местата кои беа цел на нападите со дрон.
Истакнувајќи дека во светот има доволно ресурси за среќен живот на сите луѓе, Обама изјави дека вложил многу голем труд во денуклеаризацијата на светот, но дека живееме во опасен свет во кој некои проблеми едноставно не можат да се решат без воен елемент.
Повикувајќи ги младите да се вклучат во борбата против радикализмот, национализмот и другите недемократски појави, Обама изјави дека борбата за демократски вредности мора да трае вечно.
Поранешниот челник на САД исто така истакна дека е најмногу горд на тоа што како претседател спровел реформа во здравствениот систем во земјата и овозможил здравствена заштита за милиони сиромашни.
На прашањето што прави по излегувањето од Белата куќа, Обама изјави дека за време на мандатот не можел доволно време да поминува со семејството и затоа во овие денови се обидува тоа да го надокнади.