Ekip
12 Јуни 2018•Ажурирај: 13 Јуни 2018
ОВЕИДО (AA) - Откако им беше одбиен влез во Италија и Малта, 629 мигранти спасени на Медитеранот овој викенд, ќе се упатат на 1.300 километри долгиот пат кон Шпанија, соопшти СОС Медитеран утринава, пренесува Anadolu Agency (AA).
Бродот „Аквариус“ спаси околу 230 мигранти, а 400 се префрлени на италијански брод, по спасувањето во околната област. Првобитно требало да се усидрат во Италија, но новата италијанска Влада го одби барањето.
По одлуката на Италија, Малта, исто така рече дека нема да го прифати бродот, така што бродот остана на море.
Во понеделникот, новиот шпански премиер Педро Санчез, понуди да обезбеди сигурно засолниште за мигрантите, објавувајќи на својот профил на Твитер:
„Тоа е наша обврска, ние се придржуваме до меѓународните обврски во врска со итните хуманитарни акции.“
По понудата на Шпанија, италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини, на својот профил на Твитер објави кратка порака:
„Победа - 629 мигранти од бродот „Аквариус“ тргнаа во Шпанија. Примарната цел е постигната.“
Иако дискутираа за тоа како мигрантите ќе имаат долго патување кое ќе бара уште четири дена на море во влошени временски услови, утринава организаторите на СОС Медитеран потврдија дека спасените луѓе ќе бидат префрлени на италијанските бродови и ќе бидат пратени во Шпанија.
Властите од францускиот остров Корзика, исто така се понудија да го угостат мигрантскиот брод.
Овој повик утринава го поддржа претседателот на Извршниот совет на Корзика, Жил Симеони.
Според информациите на Високиот комесаријат на ОН за бегалци, досега во оваа тековна, 2018 година, 35.090 мигранти го преминале Медитеранското Море во Европа.
УНХЦР проценува дека загинале или исчезнале 784 лица. Исто така, податоците покажуваат дека од вкупните доаѓања, 21,9 отсто се од Сирија.