Aşkın Kıyağan
15 Јануари 2020•Ажурирај: 16 Јануари 2020
ВИЕНА (AA) – Шефот на правниот оддел на Меѓународниот медиумски институт (IPI) Рави Р. Прасад најостро го осуди упадот на египетската полиција во канцеларијата на Агенција Анадолија (АА) во Каиро и приведувањето на четворица вработени на агенцијата.
Во писано соопштение од меѓународната организација со седиште во Виена се наведува дека египетските безбедносни сили извршиле упад и привеле четворица новинари во кацнеларијата на АА во Каиро, од кои еден е државјанин на Турција и тројца државјани на Египет.
Во соопштениеито се наведува дека причината за приведување е непозната и не е познато каде се однесени приведените.
„Остро го осудувам дрскиот напад на египетските безбедносни сили на канцеларијата и на новинарите на АА во Каиро", порача Прасад.
Прасад исто така порача дека властите во Каиро треба итно да ги ослободат новинарите и да ги образложат причините за нивното приведување.
Египетската полиција синоќа изврши упад во канцеларијата на АА во Каиро и приведе четворица вработени меѓу кои е и еден државјанин на Турција и ги однеле во непознат правец.
Полицијата при упадот ги исклучила камерите и ја прекинале интернет-врската. Полицајците вршеле претрес во канцеларијата до утринските часови, од вработените ги зеле пасошите, мобилните телефони и компјутерите и ги спречиле да контактираат.
Египетските институции до сега не образложија поради што новинарите се приведени и каде се однесени, без оглед на прашањата на адвокатот на АА и турската амбасада во Каиро.
Министерството за надворешни работи на Турција побара ослободување на вработените на АА и упадот во канцеларијата на АА го оцени како акт на насилство и показател на негативниот пристап на египетските власти кон демократијата и слободата на медиумите.
Од Министерството е соопштено дека египетските власти од 2014 година вршат голем притисок врз медиумите и дека моментално во египетските затвори се наоѓа најмалку 61 новинар.