Ömer Faruk Yıldız
16 Јануари 2020•Ажурирај: 18 Јануари 2020
КУАЛА ЛУМПУР (AA) – По ерупцијата на вулканот Тал на Филипините, од погоденото подрачје се евакуирани повеќе од 82.000 луѓе, а смртно настрадаа најмалку две лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Центарот за намалување на ризикот од природните катастрофи во Батангас, подрачјето на кое се наоѓа вулканот, соопшти дека од појасот од 14 километри околу Тал евакуирани се повеќе од 82.000 лица.
Во соопштението се наведува дека две лица починале како последица на срцев удар предизвикан од состојбата до која дошло по ерупцијата.
И покрај безбедносниот ризик, многумина се вратија во куќите на подрачјата од кои се евакуирани, а војската повторно ги премести во евакуациски центри.
Сообраќајниците недалеку од вулканот и понатаму се непроодни, а Институтот за вулканологија и сеизмологија на Филипините предупреди дека секој момент би можело да дојде до нова ерупција.
По ерупцијата на вулканот Тал на 12 јануари, откажани се повеќе од 240 летови на Меѓународниот аеродром во Манила.