Associated Press
30 Јуни 2022•Ажурирај: 04 Јули 2022
ХАГ (АА) - Судиите на Меѓународниот кривичен суд (MKS) во Хаг издадоа налози за апсење на тројца мажи кои се барани поради сомнеж дека извршиле воени злосторства во текот на Руско-грузиската војна во 2008 година, објавено е денеска, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меѓународниот кривичен суд во 2016 година отвори истрага за судирот во кој се убиени стотина цивили, а илјадници се раселени. Европскиот суд за човекови права во 2021 година заклучи дека на територијата под руска контрола се случиле тешки повреди на човековите права.
Тројца барани мажи, генерал-потполковник Михаил Минџаев, Гамлет Гучмазов и Давид Санакојев, биле на функции во владите на Јужна Осетија која ја поддржува Русија. Советот на судии заклучи дека постојат „разумни причини за верување дека секој од овие тројца осомничени ја сноси одговорноста за воени злосторства“, објавија од МКС.
Минџаев и Гучманов биле на водечки позиции во Министерството за внатрешни работи на Јужна Осетија, додека Санакојев бил претседателски претставник за човекови права.
Тензиите помеѓу Русија и Грузија настанаа кога во август 2008 година во Јужна Осетија почна војната. По неколку дена жестоки судири во оваа област помеѓу грузиската војска и силите на Јужна Осетија, грузиските војници на 7 август се обиделе да го заземат Цхинвали, главниот град на Јужна Осетија, меѓународно непризнаена отцепена грузиска област. Русија на 8 август испратила дополнителни трупи во Јужна Осетија. До овој потег на Русија, според зборовите на тогашниот руски претседател Димитриј Медведев, дошло за да се заштитат цивилите во Јужна Осетија, од кои повеќето имаат руско државјанство.
Тогашниот грузиски претседател Михаил Сакашвили ја обвини Русија дека врши агресија на Грузија и дека руските воени сили го бомбардираат цивилното население. Меѓутоа, во 1992 година Јужна Осетија се отцепила од Грузија во Јужноосетиската војна.