Cüneyt Karadağ
29 Октомври 2020•Ажурирај: 30 Октомври 2020
БЕРЛИН
Германската канцеларка Ангела Меркел, говорејќи за новите мерки против коронавирусот (Ковид-19) преземени во Германија, порача дека следуваат четири долги и тешки месеци, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Мерките се соодветни, потребни и пропорционални. Да чекавме единиците на интензивна нега да се наполнат, би задоцниле“, рече германската канцеларка Меркел во текот на обраќањето во Бундестагот, осврнувајќи се на мерките преземени со цел спречување на ширењето на Ковид-19.
Наглото зголемување на бројот на заразени во Германија го опиша како „драматично“ и порача дека се преземени мерки за намалување на бројот на тие случаи.
Потсети дека бројот на пациенти со Ковид-19 кои се лекуваат на одделите за интензивна нега се удвоил во последните 10 дена.
„На 18 октомври имавме 769 пациенти на интензивна нега, а тој број на 28 октомври, 10 дена подоцна, се зголеми на 1.569 пациенти. Зголемувањето на бројот на случаи со ова темпо ќе ги оптовари капацитетите на единиците на интензивна нега. Се наоѓаме во драматична ситуација пред зимските месеци. Вирусот влијае на сите нас, без исклучок“, рече Меркел.
Таа ја нагласи важноста на заедничката борба против Ковид-19.
„Заедно и едни за други. Тоа е единствениот излез од оваа историска криза. Зимата ќе биде многу тешка. Четири долги и тешки месеци, но ќе биде готово“, порача Меркел.
Според новите епидемиолошки мерки во Германија, театарските, оперските и концертните сали ќе бидат затворени.
Вежбалниците, кината, просториите за забава, базените, исто така, нема да работат. Откажани се и сите забави на отворен простор.
Рестораните, баровите и пабовите исто така нема да работат, со исклучок на рестораните кои можат да доставуваат храна.
Фудбалските натпревари ќе продолжат да се одржуваат без присуство на публика.
Продавниците ќе може да прифаќаат купувачи во согласност со правилото едно лице на 10 квадратни метри. Забранети се собирања на повеќе од две домаќинства.
Новите мерки ќе важат до крајот на ноември, а потоа повторно ќе се разгледува продолжувањето на истите мерки.