Ekipa
16 Мај 2017•Ажурирај: 16 Мај 2017
МЕКСИКО СИТИ (АА) - Хавиер Валдез, ветеран на мексиканското новинарство кој кариерата ја помина известувајќи за трговијата со дрога и насилствата во сојузната мексиканска држава Синалоа, беше убиен вчера, во главниот град на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Напаѓачот со автоматско оружје, со повеќе куршуми го уби Валдес кој се наоѓал во неговиот автомобил.
„Државата мора да одговори и ќе одговори за ова грозоморно дело", изјави јавниот обвинител Хуан Хозе Риос.
И претседателот на Мексико, Енрике Пења Нието, го осуди убиството на новинарот Валдез и објави дека ќе продолжи да се залага за заштита на слободата на медиумите.
Државниот врв и новинарските здруженија во Мексико изразија осуда за убиството и за денес најавија одржување на серија протести во земјата.
Во изминатите два месеца, во Мексико загинаа најмалку шестмина новинари.
Последната жртва на овие убиства е Валдез, кој беше еден од најгласните критичари на нарко картелите, корупцијата и насилството во Мексико. Тој беше добитник на наградата „Прес Фридом“.
„Да се биде новинар значи да се биде на црната листа. Тие ќе одлучат кога ќе сакаат да ве убијат, без оглед на тоа дали вие носите панцир и се движите со придружба“.
Не постои безбеден начин за занимавање со новинарство во Мексико", изјави претходно Валдез за локалните медиуми во куќата „РиоДоче“.