Zehra Ulucak
16 Мај 2019•Ажурирај: 17 Мај 2019
МЕКСИКО (АА) - Пожарите што ги зафатија шумските и џбунестите предели во руралните делови на Мексико Сити и неговата околина, предизвикаа голема загаденост на воздухот поради која е прекината наставата во училиштата во главниот град, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за образовение на Мексико објави дека поради загаденоста на воздухот, прекината е наставата во главниот град и неговата околина.
И Националниот автономен универзитет „Мексико“ во главниот град, соопшти дека се прекинати сите активности на целиот универзитет.
Одговорните за животната средина објавија дека се затворени сите простори за детски игри и Зоолошката градина во јужниот дел на градот.
Федералната канцеларија за животна средина информираше дека 3.800 пожарникари на целата територија на државата, дневно, во просек, се борат со 100 пожари кои избувнуваат во џбунести, шумски и земјоделски предели.
Власта ги предупреди лицата кои се наоѓаат во ризичната група да не излегуваат надвор, особено поради високото ниво на честички во воздухот.
- Воведена вонредна состојба во градот поради загаденоста на воздухот
Вчера во Мексико Сити е прогласена вонредна состојба поради загаденоста на воздухот предизвикана од пожарите што ги зафатија шумските и џбунестите предели во руралните делови на Мексико Сити и неговата околина.
Комисијата за животна средина соопшти дека поради пожарите што ги зафатија руралните и урбаните делови на градот, големо количество саѓ, пепел и цврсти честички, по воздушен пат се пренесени во градот, при што загаденоста на воздухот е за 1,5 пати поголема од дозволената граница.
Комисијата соопшти дека поради тоа е воведена вонредна состојба и дека ќе бидат преземени серија мерки за да се заштити народот.
Во рамките на мерките што се преземаат, со цел да се спречи зголемување на прав во воздухот, запрени се активностите на чистењето улици и забранет е транспорт на градежен материјал.
Освен тоа, во градот ќе се воведе и сообраќаен режим „пар-непар“, според сообраќајните таблички.
Од друга страна, беше одложен натпреварот во мексиканската Прва фудбалска лига (Лига МХ) помеѓу екипите на Америка и Леон, кој требаше да се одигра на стадионот „Азтек“.
За време на викендот во предградијата и урбаните предели на Мексико Сити се случија 45 шумски пожари.