Uğur Çil
12 Јануари 2017•Ажурирај: 12 Јануари 2017
МЕКСИКО СИТИ (АА) - Мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието изјави дека неговата земја нема да даде економска поддршка за подигнување ѕид на границата со САД, јавува Anadolu Agency (AA).
Нието на годишниот состанок на дипломатите што се одржа во Мексико, говореше за односите меѓу неговата земја и САД, и ја осуди намерата на новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, кој сака да подигне ѕид меѓу двете земји и на тој начин да го спречи нелегалното преминување на границата.
„Се разбира дека Мексико нема да плати ништо за овој ѕид“, истакна Нието.
Тој истакна дека ќе вложи напори за продолжување на добрите односи со САД, но дека нема да дозволи ништо што би било во спротивност со честа на Мексиканците.
Говорејќи во врска со планот на Трамп за повторни преговори во врска со условите на Северноамериканската зона за слободна трговија (НАФТА), Нието рече дека ги поддржуваат промените кои ќе обезбедат инвестиции, но, исто така укажа и на стравот што го предизвикуваат заканите на Трамп за даноците на американските компании што инвестираат во Мексико.
„Можев да чекам 1,5 година за да завршат преговорите за изградба на ѕидот, кои би започнале откако ќе ја преземам функцијата претседател. Но, јас не сакам да чекам. Ќе почнеме да го градиме ѕидот“, речеТрамп на претходно одржаната конференција.
Новоизбраниот американски претседател зборуваше и за покривање на трошоците за подигнувањето на ѕидот.
Тогаш Трамп порача: „Дали преку даноци, или директно, Мексико ќе ни ги плати трошоците за овој ѕид“.