свет

Мајкл Џордан: „Расизмот и насилството над оние што не се белци длабоко вкоренети во САД“

„Чувствувам длабока тага, болка и гнев. Исто така, ја чувствувам и болката на луѓето околу мене и нивното разочарување. Ги поддржувам оние кои бараат одговорност за длабоко вкоренетото насилство и расизмот врз не-белците во нашата земја...“

Fatih Erel  | 01.06.2020 - Обновена : 02.06.2020
Мајкл Џордан: „Расизмот и насилството над оние што не се белци длабоко вкоренети во САД“

ИСТАНБУЛ (АА) - Мајкл Џордан, едно од легендарните имиња на американската кошаркарска лига НБА, го осуди убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој минатиот понеделник почина како последица на полициско насилство во американскиот град Минеаполис, пренесува Агенција Анадолија (AA).

„Чувствувам длабока тага, болка и гнев. Исто така, ја чувствувам и болката на луѓето околу мене и нивното разочарување. Ги поддржувам оние кои бараат одговорност за длабоко вкоренетото насилство и расизмот врз не-белците во нашата земја. Немаме повеќе трпение“, порача Џордан преку социјалните мрежи. Тој додаде дека со еден глас треба да се врши притисок врз властите да ги променат законите.

Додаде дека во таа смисла сите граѓани треба да го искористат своето право на глас за системски промени.

Протестите поради убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд се проширија во голем број американски градови, а во најмалку 40 од нив, меѓу кои и Вашингтон, Атланта, Чикаго, Денвер, Лос Анџелес, Сиетл и Сан Франциско, прогласен е полициски час.

Флојд беше уапсен во понеделникот во Минеаполис, откако наводно се обидел да користи фалсификувана банкнота од 20 долари во локална продавница. Видеоснимките од бруталното приведување беа објавени на социјалните мрежи, на нив се гледа како полицајците му ставија лисици и го спуштија на земја, а едниот од нив го притисна коленото врз вратот на Флојд. Тврдеа дека тој се спротивставил на приведувањето.

И покрај тоа што Флојд во неколку наврати рекол дека не може да дише, полицаецот не го кренал коленото од неговиот врат. Набргу потоа, Флојд изгубил свест, но полицаецот ја задржал истата положба врз жртвата. Флојд починал набргу откако бил пренесен во болница.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.