Yusuf Özcan
15 Февруари 2020•Ажурирај: 16 Февруари 2020
ПАРИЗ (АА) - Претседателот на Франција, Емануел Макрон, истакна дека Франција не ставила вето за започнување на преговорите за членство во Европската унија (ЕУ) на Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Макрон имаше свое обраќање на 56. Минхенска конференција за безбедност, при што говореше за различни теми, а се осврна и на започнувањето на преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија.
Францускиот претседател нагласи дека Франција не ставила вето на започнувањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија.
Според Макрон, бројни земји биле против започнувањето на овие преговори.
Потсетуваме, на самитот во октомври минатата година, Советот на ЕУ не донесе одлука за почнување на преговори за членство во ЕУ на Северна Македонија и Албанија. Францускиот претседател Макрон одби да одобри почеток на преговорите за Северна Македонија и Албанија, истакнувајќи дека процесот на прифаќање на нови земји членки мора да се смени.
По недобивањето датум за преговори за членство во ЕУ, претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски свика лидерска средба, на која лидерите на политичките партии во земјата се договорија за одржување предвремени парламентарни избори на 12 април оваа година.