Alma Çekovic
07 Октомври 2019•Ажурирај: 08 Октомври 2019
ЛОНДОН
Францускиот претседател, Емануел Макрон, му рекол на британскиот премиер, Борис Џонсон, дека Европската Унија (ЕУ) кон крајот на неделата ќе одлучи дали договорот за излез на Велика Британија од тој блок ќе биде возможен, пренесува Anadolu Agency (AA).
Макрон во телефонскиот разговор со британскиот премиер истакна дека разговорите сега би требало брзо да започнат, за да се види дали договорот ќе ги почитува принципите на ЕУ.
Британските медиуми го пренесуваат соопштението на француската Влада за изјавата на Макрон, кој порача: „Преговорите би требало брзо да продолжат во наредните денови, со цел до крајот од неделата да се оцени дали е возможен договор кој ги почитува принципите на ЕУ.“
Британскиот премиер, Борис Џонсон, во таа прилика го предупреди Макрон дека нема да има одложувања на Брегзит, кој е планиран за 31 октомври, истакнувајќи дека тоа е „последна можност“ за постигнување договор.
Џонсон го истакна своето убедување дека ќе се постигне договор, но дека ЕУ мора да ги прифати компромисите што ги предложи Велика Британија.
Дејвид Фрост, дипломатскиот советник на британскиот премиер, денес ќе одржи средба со претставниците на Европската комисија, додека секретарот за Брегзит, Стивен Баркли, ќе ги посети главните градови во ЕУ.
Џонсон инсистира Велика Британија да ја напушти ЕУ на 31 октомври со договор или без него, но британскиот Парламент усвои закон со кој од него се бара да побара продолжување на рокот, доколку не биде постигнат договор.