Мадуро ги обвини САД за случувањата во Колумбија: „Се спроведува план за соборување на Владата на Петро“
Мадуро: Се спроведува план за соборување на Владата на Петро. Овој план го раководи Марко Рубио од САД и негова цел е да ја наполни Колумбија со криминални банди, насилство и тероризам. Всушност, гледате што се случува во Колумбија последните денови

БОГОТА (АА) - Венецуелскиот претседател Николас Мадуро го обвини американскиот државен секретар Марко Рубио, велејќи: „Се спроведува план за соборување на Владата на (колумбискиот претседател Густаво) Петро“, известува Анадолу.
Во изјавата дадена за државната телевизија ВТВ, Мадуро се осврна на неодамнешното зголемување на насилството во Колумбија.
Претседателот Мадуро во својата изјава истакна:
„Се спроведува план за соборување на Владата на Петро. Овој план го раководи Марко Рубио од САД и негова цел е да ја наполни Колумбија со криминални банди, насилство и тероризам. Всушност, гледате што се случува во Колумбија последните денови.“
Мадуро тврди дека планот за кој станува збор има цел да ја собори левичарската влада во Колумбија и да ја замени со крајно десничарска, „неофашистичка“ влада.
Венецуелскиот лидер Мадуро, исто така, објави дека дал наредба за зголемување на безбедносните мерки на границата со соседна Колумбија.
- Нападите во Колумбија
Најмалку осум лица, од кои двајца полицајци, се убиени, а повеќе од 40 лица се повредени во бомбашки напади извршени во различни делови на регионите Каука и Вале дел Каука во Југозападна Колумбија на 11 јуни.
Одговорна за нападите се смета организацијата Естадо Мајот Централ (EMЦ), која никогаш не учествувала во мировниот договор, предводена од Нестор Грегорио Вера, познат како Иван Мордиско.
Како дел од поранешните Револуционерни вооружени сили на Колумбија ФАРК, EMЦ, што е кратенка за „Генерален штаб“, веќе некое време извршува напади врз воени и полициски пунктови.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.