Ekip
25 Март 2017•Ажурирај: 26 Март 2017
ЛОНДОН (AA) – Десетици илјади луѓе денеска протестираа на улиците на Лондон против излегувањето на Велика Британија од Европската унија, јавува Anadolu Agency (AA).
Маршот под називот „Да ја обединиме Европа", привлече илјадници луѓе кои мавтаа со сините знамиња на ЕУ, неколку дена пред Британија да го покрене процесот на излегувањето од европскиот блок.
Собраната маса со едноминутен молк на Плоштадот на Парламентот оддаде чест на загинатите во среда на мостот Вестминстер и пред зградата на британскиот парламент.
Полицијата не ја објави својата проценка колку луѓе се собрале. Но организаторите тврдат дека на протестот имало повеќе од 25.000 луѓе. Паралелно е одржан и помал протест против Брекзит во шкотскиот Единбург.
Организаторите ја разгледуваа можноста за откажување на долго планираниот собир поради нападот на Вестминстер, за да избегнат дополнителен притисок на полицијата но сепак одлучија да одржат протест.
Тим Фарон, лидер на Либералните демократи на собраните им рече дека демократијата продолжува без оглед на нападот.
„Стојам тука за инает на тој напад", нагласи Фарон.
Британската премиерка Тереза Меј планира да го активира членот 50 од договорот за Европската унија во среда, на 29 март, и на тој начин да го покрене процесот на излегување од ЕУ.
Се очекува дека преговорите ќе траат најмалку две години. Граѓаните на Велика Британија на референдумот одржан на 23. јули гласаа за излегување од ЕУ.