Atila Altuntaş
05 Мај 2022•Ажурирај: 06 Мај 2022
СТОКХОЛМ (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) се подготвени да ѝ пружат безбедносни гаранции на Шведска во текот на нејзиниот евентуален процес за аплицирање за членство во НАТО, изјави шведската министерка за надворешни работи, Ан Линде, јавува Агенција Анадолија (АА).
Како што наведуваат шведските медиуми, Линде ова го изјавила за шведскиот јавен сервис СВТ (SVT) по разговорот со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
„Постои голем интерес од Соединетите Американски Држави за влез на Шведска и Финска во НАТО“, додаде таа.
Линде во моментот се наоѓа во Вашингтон, каде што се сретнала со неколку високорангирани американски политичари.
Според наводите на шведските медиуми, Финска и Шведска се договориле заедно да поднесат барања за членство во НАТО во средината на мај.
Двете земји беа строго воено неутрални во текот на Студената војна и направија договор за партнерство со НАТО во 1995 година.
Сепак, поддршката за членството во НАТО значително пораснала во двете држави откако Русија на 24 февруари оваа година започна војна против соседна Украина.
Русија повеќепати изрази противење за влез на Финска или Шведска во НАТО.