Ikrame Imane Kouachi
31 Март 2024•Ажурирај: 02 Април 2024
КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Лидерот на израелската опозиција, Јаир Лапид, денес повика на предвремени избори, велејќи дека Владата предводена од премиерот Бенјамин Нетанјаху мора да си оди бидејќи не ги вратила заложниците кои се држат во Газа од 7 октомври, пренесува Анадолу.
„Еден по друг, министрите на владата утрово излегуваат во етер и ги напаѓаат семејствата на киднапираните. Вие сте без памет. Млади жени, постари луѓе, деца беа киднапирани на ваша смена“, објави Лапид преку X.
„Половина година не успевате да ги вратите дома, а потоа ги обвинувате нивните семејства? Оваа влада на деструкција мора да си оди дома. Избори сега“.
Претходно утрово, министерот за наследство Амичај Елијаху ги критикуваше семејствата на заробениците по масовните демонстрации што ги одржаа вчера во Тел Авив, барајќи од Владата да поднесе оставка.
„Протестот во Ајалон беше насилен... За Хамас ова е подарок. Ова има спротивен ефект и ги ослабува војниците на фронтот“, изјави Елијаху за Канал 12.
Израел започна смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври во кој загинаа околу 1.200 луѓе.
Во израелските напади оттогаш загинаа над 32.700 Палестинци, а речиси 75.200 се повредени, предизвикана е масовна деструкција и недостиг на неопходни работи. Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на глад.
Во седумдневното примирје во ноември разменети беа дури 105 заложници за Палестинците кои беа држени во израелските затвори.
Меѓународните напори за постигнување прекин на огнот и ослободување на преостанатите заложници продолжуваат, а Хамас вели дека некои од заробениците се загинати во израелските воздушни напади.