АНКАРА (AA) - Лидерите на Турција, Русија и Иран, Реџеп Таип Ердоган, Владимир Путин и Хасан Рохани, се состанаа во Сочи на трилатералниот самит за Сирија, а најсилна порака која земјите гарантори ја пратија е зачувување на територијалниот интегритет на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Земјите гарантори во заедничко соопштение, објавено по самитот, порача дека ќе продолжат да делуваат координирано со цел намалување на насилството во Сирија којашто е погодена со војна, а потврдена е и силна посветеност на суверенитетот, независноста и единството на таа земја.
„Челниците на државите уште еднаш ја потврдија силната посветеност на суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Сирија. Исто така, нагласено е дека било каква политичка иницијатива со цел намалување на тензиите, воспоставување на неконфликтни зони и решавање на сириската војна не смее да му нанесе штета на суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Сирија", се наведува во заедничкото соопштение.
Лидерите на Турција, Русија и Иран нагласија дека е потребно да се преземат мерки за да се интензивираат напорите за да се постигне политичко решение во Сирија.
Предложени се мерки како брзо, сигурно и непрекидно доставување на хуманитарната помош, ослободување на затворениците и утврдување на идентитетот на исчезнатите лица.
Усогласена е поддршка на Конгресот на националниот дијалог со кој е предиден и состанок на претставниците на режимот на Асад и опозицијата.
- Пораката на Ердоган
Ердоган порача дека приоритет на Турција се политичкото единство и територијалниот интегритет на Сирија и дека терористичките елементи, кои претставуваат закана за национална безбедност за Турција, да бидат исклучени од целиот процес.
Нагласи дека Турција нема да се согласи да биде дел од разговорите за политичко решение кои ги предлага група која, како што рече, се обидува да ја подели Сирија, алудирајќи на ПКК/ПЈД
- Пораката на Путин
Путин истакна дека самитот ќе придонесе кон јакнење на територијалниот интегритет на Сирија и додаде дека терористичката организација ДЕАШ е поразена поради напорите на Турција и Иран во борба против тероризмот.
- Пораката на Рохани
Рохани нагласи дека трите земји се согласни за прашањето на територијалниот интегритет, независноста и единството на Сирија, напоменувајќи дека состанокот во Сочи е важен чекор кон завршување на кризата во Сирија.
Главна тема на состанокот во Сочи беше актуелната ситуација во Сирија и мировниот процес кој се води во Астана, а со посебен осврт на имплементација на договорот за воспоставување на зони на деескалација во четири сириски региони.
news_share_descriptionsubscription_contact


