Elvır Hodzıc
29 Мај 2022•Ажурирај: 30 Мај 2022
БРИСЕЛ (АА) - Лидерите на земјите членки на Европската Унија (ЕУ) ќе се состанат во Брисел утре и задутре (30 и 31 мај) на вонреден самит за да разговараат за ситуацијата во Украина и за последиците од војната за Европа, јавува Агенција Анадолија (АА).
На лидерите на земјите од ЕУ преку видеопорака ќе се обрати и украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Русија започна напад врз Украина на 24 февруари и го доведе во прашање снабдувањето со храна и големото зголемување на цените на енергијата.
Европската Унија досега воведе пет пакети санкции против Русија, а шестиот пакет треба да вклучи ембарго на руската нафта. Сè уште нема целосен консензус за начинот како да се имплементира таквото ембарго, а Унгарија веќе побара изземање од забраната за увоз на руска нафта.
Челниците на ЕУ ќе разговараат и за прашања од безбедноста и одбраната.
ЕУ во март го усвои Стратешкиот компас, визијата за одбранбен развој. Тоа е документ кој би требало да даде јасни политички и стратешки насоки за пристапот на ЕУ кон безбедноста и одбраната во наредните пет до десет години.