Yusuf Hatip
06 Февруари 2018•Ажурирај: 07 Февруари 2018
БРИСЕЛ (АА) - Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, и Бојко Борисов, премиерот на Бугарија, земјата која во моментот претседава со Европската унија (ЕУ), на 26 март, ќе се состанат со претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган во бугарскиот град Варна, јавува Anadolu Agency (AA).
Пребен Аман, портпарол на Европскиот совет, преку Твитер објави писмо кое Tуск и Јункер го испратија до Ердоган.
Во писмото е потврдено дека работниот ручек на Јункер, Туск и Борисов со турскиот претседател ќе се одржи на 26 март оваа година.
Се потсетува и на состанокот помеѓу Ердоган, Туск и Јункер, одржан на 25 мај минатата година во Брисел, и се додава дека потоа беа одржани состаноци на високо ниво во областа на транспортот, економската соработка, борбата против тероризмот и надворешната политика.
Во писмото, исто така е изразено задоволство од јакнењето на односите на Турција со земјите-членки на ЕУ.
Исто така се наведува дека на спомнатиот состанок ќе бидат утврдени заедничките интереси и дека ќе се дискутира за последните случувања во Турција.
Во писмото се наведува и дека на состанокот ќе се разговара и за понатамошно продлабочување на односите на двете страни.