Ayhan Şimşek
09 Февруари 2022•Ажурирај: 10 Февруари 2022
БЕРЛИН (АА) - Лидерите на Германија, Франција и Полска ја повикаа Русија да се повлече од своите воени закани и да продолжи со дипломатско решение за украинската криза, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Нашата заедничка цел е да спречиме војна во Европа“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц на заедничката прес-конференција во Берлин со францускиот претседател Емануел Макрон и полскиот претседател Анджеј Дуда.
„Секое понатамошно кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина е неприфатливо и тоа би имало огромни политички, економски и геостратешки последици за Русија“, нагласи тој, додавајќи дека тоа е заеднички став на западните земји.
Шолц, исто така, ја истакна нивната посветеност на дијалогот и желбата да се најде мирно решение за конфликтот.
Разговорите дојдоа во време кога Германија и Франција ги засилија дипломатските напори во последниве денови поради зголемените стравувања од неизбежен руски напад врз Украина.
Германскиот канцелар го посети Вашингтон во понеделникот, а францускиот претседател Макрон се вклучи во интензивна дводневна шатл-дипломатија меѓу Москва и Киев.