Betül Yürük
05 Февруари 2021•Ажурирај: 06 Февруари 2021
ЊУЈОРК (АА) - БЕТУЉ ЈУРУК -
Либија стана финансиски извор за суданските платеници кои се бореа заедно со Калифа Хафтар, водачот на нелегитимните сили на истокот на земјата. Уморни од тешките услови во бегалските кампови и рудници за злато, Суданците се борат во Либија за пари и оружје.
Разгледувајќи го извештајот за Судан на Експертскиот панел на Обединетите нации (ОН), Агенција Анадолија (АА) дојде до информации дека суданските вооружени опозициски групи, кои повеќе не можеа да добиваат голема поддршка од Јужен Судан, своите потреби за пари и оружје започнаа да ги задоволуваат во Либија.
Либија стана главниот извор на финансирање на вооружените групи од Судан. Суданските вооружени групи поддржани од Хафтар, собраа нова опрема и голем број борци во Либија, со што значително го зголемија својот воен капацитет.
Најголемата суданска вооружена група во Либија, со повеќе од 1.000 борци, Суданското ослободително движење (СЛА/MM) и вооружените групи како што се СЛА/АВ, ЏЕМ, СЛА/ТЏ, ГСЛФ, се борат во редовите на Хафтар.
- Суданските борци ја гледаат граѓанската војна во Либија како извор на приходи -
Суданските борци кои имаат корист од политичката состојба во Либија, остваруваат приход од граѓанската војна.
Меѓу суданските борци има бегалци од Дарфур во Чад, а поголемиот дел од борците се рудари на кои им е здодеано од работата под тешки услови во рудниците за злато.
Суданските платеници, кои понекогаш менуваат страна за пари и оружје, но главно ги поддржуваат силите на Хафтар, организирани се во групи од по 10 лица и доделено им е едно возило и оружје.
- Суданските борци имаат плата од 1.500 либиски динари -
На платениците на кои им е дозволено да го задржат оружјето, возилата и опремата запленети за време на нападите, им се исплаќа месечна плата од 1.500 либиски динари во рамките на Либиската национална армија која е под контрола на Хафтар.
За секој нов платеник, брокерите плаќаат по 3.000 долари.
- Во Либија најголемата суданска вооружена група СЛМ/ММ се поврза со ОАЕ -
Најголемата суданска вооружена група СЛМ/MM, со повеќе од 1.000 борци во Либија, воспостави добри односи со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), кои го поддржуваат Хафтар.
СЛМ/ММ го поддржа одржувањето на мировни разговори со Владата на Судан против која се бореше, во Абу Даби, главниот град на ОАЕ со која е блиска.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза од 2011 година, кога беше убиен долгогодишниот лидер на земјата, Муамер Гадафи. Водачот на сепаратистичките сили од источна Либија, Калифа Хафтар, во април 2019 година започна напади за заземање на Триполи, кои беа спречени од силите на Владата на национално единство на Либија.
Владата на Либија е формирана во 2015 година врз основа на договорот на иницијатива на Обединетите нации, но напорите за долгорочно политичко решение не успеаја поради воената офанзива на силите на Хафтар.