Safiye Karabacak
25 Август 2020•Ажурирај: 26 Август 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Либискиот премиер Фаиз ес Сараџ изјави дека се планира итно спроведување ревизија во Кабинетот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Можеби треба да прогласам вонредна состојба за формирање на кризна влада“, нагласи Сараџ, во изјавата за државната телевизија.
Истакнувајќи дека нема да дозволат Либија да влезе во мрачен тунел, Сараџ изјави дека како легитимно тело го прифаќаат својот дел од одговорноста, но не можат да ја контролираат целата територија на земјата.
Тој го повтори повикот општите избори да се одржат следниот март и додаде: „Единствениот политички начин да се спаси татковината е да се обноват владите преку избори.“
Истакнувајќи дека има некои страни кои не ги сакаат изборите заради свои интереси, Сараџ рече дека тие се подготвени да спроведат каков било договор што ќе го прифатат сите страни во Либија.
Тој упати повик до либиските демонстранти да не бидат инструмент за провокации со образложение дека нивните услови за живот се влошуваат. „На сите државни институции им наложив да ги заштитат мирните демонстранти и да интервенираат само против оние што саботираат.“
Заблагодарувајќи се на Турција што останала покрај Либија во период кога голем број земји ја напуштиле, Сараџ нагласи: „Контактираме со Турција за да се завршат недовршените проекти на турските компании и да се вратат назад. Се обидуваме да ги зајакнеме нашите привилегирани односи кои ќе бидат во интерес на нашите институции.“
Владата на Сараџ на 21 август на сите воени сили во земјата им нареди итно примирје и прекинување на воените операции врз основа на националната и политичката одговорност за ситуацијата во која се наоѓа земјата и регионот, и поради пандемијата.