Ekip
07 Декември 2018•Ажурирај: 07 Декември 2018
ЊУЈОРК (АА) - Полицијата во Њујорк потврди дека нема никакви закани, откако е упатена анонимна порака дека во канцеларијата на „Си-ен-ен“ (CNN) во Њујорк има бомба, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од полицијата рекоа дека маж со јужен акцент се јавил во „Си-ен-ен“ (CNN) синоќа околу 22 часот и рекол дека се поставени пет бомби во канцеларијата која се наоѓа во зградата Тајм Ворнер на Колумбус Серкл.
Нагласија дека зградата е евакуирана и дека обезбедувањето на зградата извршило прелиминарна претрага. Потоа дојдоа припадниците на одредот за деактивирање бомби на полицијата во Њујорк и потврдија дека нема никакви закани по безбедноста.
Брајан Стелтер и Дон Лемон од пред зградата продолжија да го емитуваат преносот во живо. Лемон изјави дека се слушнал противпожарен аларм и дека преку звучници, за време на нивната емисија која се емитува во живо, им е кажано дека мора да се евакуираат.
Во октомври оваа година истата зграда беше делумно евакуирана, откако до „Си-ен-ен“ (CNN) беше доставен сомнителен пакет во кој наводно се наоѓала рачно направена бомба.